Свет
Прашина – како светот се гуши во милијарда честички
Прашината најчесто привлекува внимание кога дома ќе формира дебела скрама на полиците со книги или кога на лето ќе дувне и ќе ја разнесе по градските улици. Но и кога не ги гледаме, честичките прашина се тука.
Нова интригантна книга на географката Џеј Овенс покажува зошто честичките кои летаат низ воздухот се истовремено и спас за природата и нејзин отров. Таа е тука не само кога ќе заборавиме да забришеме по дома, туку и – или особено – кога не ја гледаме.
Околу 2 милијарди тони се креваат во Земјината атмосфера секоја година, истовремено апсорбирајќи ја и рефлектирајќи ја сончевата енергија – оттаму таа е директно поврзана со глобалните температури и климата. Прашина од Сахара го минува Атлантикот и ја прави плодна реката Амазон; интерпланетарната прашина, откако ќе мине низ галаксијата и ќе го преживее влезот во нашата атмосфера, е „наросена“ над поларните мразови, што на климатолозите им дава увид во оддалечени места во универзумот. Како и водата и прашината е дел од есенцијален еколошки циклус.
Фасцинацијата на Џеј Овен со прашината, која е тема на нејзината нова книга, започнала во 2008, кога таа била студентка и размислувала за сизифовската задача на одржување на домаќинството. Но нејзиното патешествие реално започнува во 2015, при патување низ Калифорнија, кога Овен е згрозена од приказната за Лос Анѓелес, чиј раст и модерно постоење биле возможни само низ систематска кражба на вода што создало пустина на исток.
Оваа пустина, случајно наречена долината на Овенс, долго време било најправливото место во Америка. Таму вадењето вода е истовремено и еколошка и социјална криза, откако плодните земјишта биле колонизирани а потоа искасапени со водни канали кои ги полнат луксузните базени на славните личности во ЛА. Резултатот е место каде веќе не може да се живее, каде воздухот е преполн со ПМ10 честички, но и со токсични супстанци како арсен и кадмиум.
Приказната е слична со онаа за тн. Даст боул, кога поради лошо менаџираното земјоделство на средниот запад во текот на 1930-тите се случила огромна еколошка криза, што резултирало со иселување на над 3 милиони жители. Овенс го оживува овој период не само преку официјални историски документи, туку и преку дневници и спомени на оние кои го преживеале овој период.
Оттаму, според Овен, прашината е „интензивно политичка“ тема. Таа има врска и со историјата на хигиената и здравјето, бидејќи по Индустриската револуција идеите за врската помеѓу валканоста и болестите од прашината направиле непријател број 1, а борбата против неа паднала на жените и на малцинствата. Истовремено, цело поглавје е посветено на нуклеарното доба, но претставено не преку облаците во вид на печурка, туку преку радиоактивната прашина која тие ја оставаат зад себе. Сите овие честички, со големина под милиметар, а често и стотици или илјадници пати помали од тоа, според авторката го содржат и го рефлектираат нашиот свет, пренесува off.net.mk