Македонија

На еко-линијата најчесто се пријавуваат стари телевизори и машини за перење, лани на рециклирање завршиле 1700 тони електронски отпад

Скопјани кои сѐ уште не знаат како да се ослободат од непотребниот електричен или електронски отпад од своите домови, можат да го решат проблемот со едноставно јавување на еко-линијата на Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“. Па, така, наместо во или покрај контејнерите за комунално ѓубре или на дивите депонии, ваквиот отпад ќе заврши на рециклирање, што е голем придонес за заштита на животната средина.

Според годишниот извештај на Друштвото за изминатата 2022 година за организирано преземање на отпадна електрична и електронска опрема од  домаќинствата, собрани и пријавени се нешто повеќе од 1.700 тони, кои завршиле на рециклирање, а не на депонии.

На еко-линијата 070 236 000 граѓаните и фирмите можат секој работен ден да пријават секаков вид електричен и електронски отпад, односно сето она што работи на струја и батерии, значи мобилни мобилни телефони, компјутери,лаптопи, таблети, уреди за греење и осветлување, фрижидери, телевизори, мали кујнски уреди и слично. Доволно е само да остават лични податоци и да посочат за каков вид и колкава количина на отпад се работи.

 На договорениот ден, лиценцирана транспортна фирма доаѓа и врши бесплатно преземање буквално од прагот на вашиот дом или компанија. Едноставно што треба е уредите да се исклучени од вода и струја и да се на достапно место за преземање. Истото важи и за компаниите. Денеска буквално нема компанија или дејност што не користи електрична и електронска опрема. Целата електронска и електрична опрема што не е во функција и не се користи, а се води сметководствено, по направена спецификација или попис од фирмите и јавување на еко-линијата се презема на ист начин. Разликата е во тоа што сите правни субјекти, по подигнувањето на отпадот од страна на „Нула отпад“ ги добиваат сите потребни документи согласно Законот за управување со отпад, со кои можат материјално и сметководствено да ги отпишат своите електронски и електрични уреди и да докажат дека на исправен начин кој не ја загрозува животната средина и здравјето на луѓето и во согласност со законот се ослободиле од нив – објаснуваат од „Нула отпад“.

Оттаму додаваат дека преземањата се вршат два до три пати неделно, а дека заинтересираноста на граѓаните е голема, во просек имало по 20 до 30 јавувања дневно. Најчесто граѓаните пријавувале стари телевизори и машини за перење.

Отпадот кој се собира потоа завршува на рециклирање, односно како што прецизираат од Друштвото откако лиценцирана компанија за транспорт на ваков отпад ја преземе отпадната електрична и електронска опрема понатаму ја предава на претпријатија што поседуваат дозвола за складирање и третман, како што пропишува законската регулатива.

Рециклирањето во нашата држава во моментов се состои во механички процес на селекција, сортирање, раздвојување и дробење. Со сортирање се одвојуваат деловите кои можат да се рециклираат и кои имаат карактер на секундарни суровини и кои се извезуваат понатаму во соседните земји . Деловите што не се рециклираат привремено се складираат во еколошко прифатливи и безбедни услови, при што се спречува ширење и истекување на штетните хемикалии кои можат да се ослободат во процесот. Со рециклирањето го враќаме тоа што е фрлено назад во производството, значително го намалуваме количеството на отпад, не трошиме корисни ресурси од земјата, заштедуваме време, енергија и пари и најважно ја чуваме животната средина – велат од „Нула отпад“

Како што е познато штетноста од електронскиот и електричен отпад особено неговото немешање со останатиот комунален отпад, неговото несоодветно третирање, уништување и депонирање сериозно ја загрозува животната средина и здравјето на граѓаните, затоа што тоа доведува до испуштање на тешки метали како жива, олово, кадмиум, бром во воздухот, водата и почвата.

Децата и фетусите се најранливи бидејќи нивните тела се во развој, висока концентрација на овие метали во воздухот, водата и почвата предизвикува сериозни нарушувања на растот и развојот кај децата, нарушувања во однесувањето како намалено внимание, хиперактивност до посериозни патолошки проблеми во однесувањето, губење на слухот, оштетување на мозокот и слично – предупредуваат од Друштвото.

Затоа, оттаму апелираат до граѓаните да ја користат еко-линијата 070 236 000 како безбеден и сигурен начин за правилно одлагање на електронскиот отпад и отпадните батерии и акумулатори.

 Околу 200 контејнери за ситен е-отпад ќе бидат поставени низ општините

Во сите поголеми маркети, молови, општини, државни институции, училишта, градинки, компании, но и продажни места што продаваат батерии и кои во согласност со Законот за управување со отпад мора да имаат во своите простории и места каде што потрошувачите ќе можат на правилен начин да ги отстранат старите батерии, „Нула отпад“ има поставени садови за отпадни батерии. Тие се зелени цилиндрични садови на кои пишува – „Место само за отпадни батерии“.

– Наскоро ќе имаме инфраструктура и од контејнери за ситен електронски отпад, кои ќе бидат поставени во сите општини. Пред неколку години имавме вакви обиди за контејнери за ситен електронски отпад, но се покажа дека немаме доволно изградена свест за селекција, не ја исполнуваа намената за која беа направени и веќе следниот ден беа демолирани, оставајќи зад себе уште поголем неред – велат од „Нула отпад“ и додаваат дека континуирано работат на подигнување на јавната свест за примарна селекција на опасниот отпад и дека се изработени нешто повеќе од 200 контејнери, кои наскоро ќе бидат поставувани на локации одредени од општините.

Тагови

Поврзани вести