Економија
Материјал за батерии се копа по океанското днo без да се знае за последиците
Рударските компании ќе одат до незамисливи длабочини, километри под морската шир, во потрага по суровини за батерии за електрични возила.
Моќни фирми се впуштаат во трка по залихите во океанското дно, се потпишуваат договори и се развиваат соодветни рударски процеси и опрема. Воедно се внимава и на заштитата на животната средина, барем како што тоа го гледа бизнисот.
Камења што содржат висок удел на никел, кобал, бакр и манган, што се потребни за батерии за електрични автомобили, ги покриваат таканаречените абисални, подводни рамници. Според НОАА, американската управа за океани и атмосфера, тоа подрачје зафаќа 70 проценти од океанското дно и се наоѓа на длабочини од преку 3.000 метри. Тоа е најголемото подрачје на Земјата.
Камења со големина на компир, наречени полиметални нодули, содржат многу повеќе никел и кобалт отколку резервите што се наоѓаат на копно. Кина е светска сила во експлоатацијата на овие руди на копно. Од процесите трпи животната средина, а голем проблем е тоа што деца се експлоатираат како работна сила во Африка.
Во подрачјето во Пацифичкиот Океан, со големина од околу 4,5 милиони километри квадратни, познато како Зона Кларион-Клипертон, меѓу Мексико и Хаваи, лежат 274 милиони тони никел. На копно, овие резерви се проценуваат на 95 милиони тони. На океанското дно се наоѓаат 44 милиони тони кобалт, наспроти 7,5 милиони тони на копно.
Брзиот раст во продажбата на електрични автомобили и растечката побарувачка по материјали за батерии, доведоа до подводна златна треска. Компаниите развиваат технологии, вклучувајќи вакуумски шмукалки со големина на трактор и самодвижечки роботи, што ќе собираат полиметални нодули.
Собирањето тони карпи на три километри под вода се чини како сложен и скап процес, меѓутоа опремата во најголемиот дел е иста како таа што се користи на нафтените платформи. Трошоците за подводната експлоатација не може да се споредат со трошпоците на копно, каде што индустријата има постигнато масивен напредок.
Предност е тоа што рудата се товари на бродови. Тоа заштедува многу во транспортот на руда. Пример е кобалтот, којшто се копа во Демоктратска Република Конго, потоа се носи во Јужна Африка, каде што се товари на брод за Кина, заради обработка. Металот потоа се испраќа до фабриките за батерии во Европа и во САД.
BMW, Volkswagen, Volvo, Google и Samsung потпишаа мораториум и се против користењето минерали од океанското дно. Гринпис и други еколошки организации, побараа запирање на црпењето руда од океаните, додека се согледа какви последици има тоа врз животната средина. Фиџи, Самоа и Вануату, се спротивставуваат на експлоатацијата, додека Чиле побара 15-годишна пауза додека се извршат соодветни студии за влијанијата.
Силниот економски потенцијал сепак ги поттикнува моќните компании да се впуштат во истражување. Островската држава Науру ќе поднесе барање до Меѓународниот орган за морското дно, за веќе во 2023 да започне со експлоатација на полиметални нодули. Куковите Острови годинава им одбрија на три компании да вршат екскплоатација на овие руди.
Во меѓувреме, пробното собирање нодули од зоната Кларион-Клипертон заврши успешно, од страна на компанијата Metals Co. од Ванкувер, Британска Колумбија, заедно со швајцарската Allseas. Се користеа големи шмукалки и цевковод долг три километри, за 15 тони нодули да се натоварат на брод.