Македонија

Македонскиот мед е еден од нашите препознатливи производи со кои се гордееме

И покрај тоа што приносите на мед последниве две години се многу намалени, сепак интересот за природен македонски мед е голем. Ова го потврдија и многу граѓани кои и годинава во голем број ја посетија манифестацијата „Денови на македонскиот мед„.


На улица „Македонија„ беа поставени штандови на пчелари од цела Македонија, на кои на креативен начин беа изложени и презентирани сите можни пчелни прозиводи: мед, матичен млеч, полен и прополис. Посетителите имаа можност да дегустираат мед и да се информираат за лековитите својства на матичниот млеч, поленот и прополисот.
Оценката на пчеларите е дека оваа година е подобра од лани кога имале мало производство на мед.
– Годинава е нешто подобра од минатата година која беше катастрофална во однос на приносите на мед. Медот се продава по унифицирана минимална цена од 400 денари за тегла. Покрај мед ги произведуваме сите производи од пчели, прополис, матичен млеч, сапуни, креми…., вели пчеларот Ванчо Кировски од Кочани кој има над 200 пчелни семејства и добра заработувачка.
Според него, доколку се посветите професионално и ако природата ви е наклонета од пчеларство може многу добро да се живее и да се заработува и со 150 пчелни семејства.
Гоце Мирчевски, кој е дипломиран земјоделски инженер и сопственик на „Про мед„ вели дека годинава за разлика од лани мед има повеќе.


– Годинава неколку региони во државата беа доста медоносни. Јас имам 500 пчелни семејства на четри локации, но сите не дадоа подеднакви количества мед. Само на две пчелни локации собравме солидни количини на мед, вели Мирчевски и додава дека главен фактор за слабиот принос на мед во некои региони биле климатските фактори.
Тој објаснува дека пашниот период, кој трае 45 дена, на пониските места почнува во втората половина на мај и трае до средина на јуни, а на повисоките од јуни до крај на јули. – Годинава од 15 јуни почнаа обилни дождови и пад на температурите што имаше големо влијание врз приносите на мед, додава Мирчевски.
Од Пчеларската фарма „Павлов„ кои покрај мед произведуваат и природна козметика од пчелини производи, мелеми и разни мешавини на мед со билки за здрава исхрана и лечење на разни болести.
– Професионално се занимавам со мед веќе 25 години и произведуваме разни пчелини производи. И покрај тоа што последниве две години беа лоши за пчелаството, сепак од пчеларство може да се заработува, вели Борче Павлов.
Горан Илиевски кој од 1981 година се занимава со пчеларство вели дека покрај заработувачка пчеларството ви овозможува дружење со пчелите и со природата.
Манифестацијата „Денови на македонскиот мед„ ќе трае до недела, а посетителите ќе имаат можност да се снабдат со мед и со други пчелини производи.

 

Тагови

Поврзани вести