Македонија
Македонија под вода: Најалармантно во тетовско, кочанско, Прилеп, Демир капија
Со стабилизирањето на временските услови, полека се стабилизира и водостојот на реките низ Македонија. Тетовското село Раотинце денеска се опоравува од надојдениот Вардар. Во селото поплавени се неколку подрумски простории, повеќе дворови и според проценките на мештаните, обработливо земјиште помеѓу 50 и 100 хектари.

Мештаните велат дека нивото на Вардар во моментот е повисоко за три пати од нормално. На одредени места реката се уште се излева директно во дворовите.
Но, тие вина не гледаат во временските услови, бидејќи дождови врнат постојано веќе два месеци. Велат дека проблемот е во браните.
-Сведоци сме на тоа дека навистина, не само кај нас, туку во цела држава врнежи имаше околу 70 дена. Е сега, кај нас постои опасност од Вардар и од Маврово што оди и пуштаат вода од Хидроцентралата. Тие гледаат, ако постои опасност тие пуштаат вода, така што таа вода надојдува тука, а ние сме на најниска точка во општина Јегуновце и водата се слева цело време кај нас, вели претседателот на Месната заедница.
Сепак, Центарот за управување со кризи уверува дека е запрено производството на електрична енергија на две Хидроелектрани „Вруток“ и „Равен“ и со тоа е спречено натамошно поплавување на селото.
Поради тоа што Раотинце е најниска точка во овој дел на Полог, мештаните се жалат дека постојано имаат проблем со поплави, особено на пролет кога се топат снеговите. Велат, политичарите постојано ветуваат, но решение нема.
-Не само сега, туку претходно многу години наназад. Меѓутоа, било кој коа ќе има вакви работи, непогоди, ќе дојдат, ќе се видиме, ќе се сликаме и утре „со здравје, пријатно“. Има некое решение. Денеска разговаравме со градоначалникот, од УНДП и швајцарската амбасада, имало некоја донација од август да почнат со реалиција на коритото и до наредната година, до мај да завршат. Но, ќе видиме како ќе биде тоа, дали ќе го реализираат или не, вели претседателот на Месната заедница, Васко Јанчевски.
Според последните информации, состојбата е стабилизирана речиси низ целата држава, освен во Облешево. Таму ситуацијата е алармантна бидејќи надојдената вода почнала да поплавува дворови куќи. Надлежните се обидуваат со нови канали да ја редиректираат водата за да не настанат поголеми штети.