Македонија

Лудата билка почна да цвета во Пехчево, луѓето да внимаваат бидејќи е опасна

Лудата билка се појавува само во букова шума, на места после пожар, откако ќе се изврши сеча и ќе се изнесе дрвната маса.

Лудата билка почна да цвета во Пехчево. Оваа билка, иако некои ја користат како народен лек, сепак искусните планинари и познавачи апелираат до луѓето на своја рака да не експериментираат со природата.

Марјан Митриновски од Пехчево, дипломиран шумарски инженер и активен планинар 23 години, вели дека оваа билка е позната по тоа што има халуцинирачко дејство, бидејќи содржи големо количество на атропин.

– Ја викаат Лудата билка бидејќи ако земеш многу од неа има големо халуцинирачко дејство. Кај нас има неколку такви случаи, луѓе јаделе по една шака од плодот на билката во форма на бобици и потоа не можат да ги смират по три, четири дена. Како што сум слушал, опасни и насилни станувале – вели Митриновски.

Тој појаснува дека сега народот е поедуциран од минатото и повеќе знае за оваа билка. Самиот тој ја познава добро бидејќи за неа учеле на факултет.

– Билката сега цвета, а некаде од средината, крајот на август, до септември треба да втасаат бобиците – вели Митриновски.

Фото: Марјан Митриновски

Билката ја има најчесто во Пехчево, а на други места може да се сретне, но поретко.

– Многу ретко може да се сретне оваа билка на друго место. Јас како искусен планинар, не сум ја сретнал во толкави количини и површини како во Пехчево – додаде Митриновски.

Фото: Марјан Митриновски

Митриновски објаснува дека Лудата билка се појавува само во букова шума, на места после пожар, откако ќе се изврши сеча и ќе се изнесе дрвната маса. Ја има и во буковите шуми кај што е посветло, каде што влегува повеќе светлина.

– Ако буковата шума била опожарена, како во нашиот случај тука во Пехчево, имавме пожар, се исече шумата, се изнесе дрвната маса и билката нагло почнува да расте – заврши Митриновски.

Тагови

Поврзани вести