Македонија
За една деценија увозот на храна се зголемил за повеќе од 88 отсто!
Грев е Македонија да не произведува доволно храна. Македонија станува сѐ повеќе увозно зависна од храна, а тоа го говорат и сите статистички податоци во смисла на потрошени средства за увоз на храна за сметка на домашното производство, кое е многу намалено. Иако нашата земја важи за земјоделска држава со традиционални земјоделски производи, со години се соочуваме со голем број предизвици што доведуваат до зголемен увоз на земјоделски производи. Без оглед што располагаме со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, не успеваме да го прехраниме целото население, додека во минатото ја храневме цела Југославија.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека само во јануари 2024 година за увоз на храна и живи животни, Македонија потрошила околу 85 милиони евра. Додека, пак, за цела 2023 година, нашата држава потрошила 975,8 милиони евра. Според податоците од статистиката, од година на година потребите за храна од странство се зголемувале. Пред 10 години, во 2014 година, Македонија за увоз на храна и живи животни потрошила 517,8 милиони евра, тоа значи дека за една деценија увозот на храна се зголемил за повеќе од 88 отсто.
Според професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски, големо е напуштањето на површините на обработливото земјоделско земјиште, што предизвикува сериозно намалување на производството.
– Ако до средината на 90-тите години на минатиот век во функција беа повеќе од 660 илјади хектари, денес според податоците на Државниот завод за статистика имаме 517 илјади хектари, меѓутоа јас лично сметам дека реалноста е далеку од оваа бројка, односно дека ние денес имаме во функција многу помалку обработливо земјиште. И констатацијата дека со одредени потсектори го обезбедувавме пазарот во поранешна Југославија се должи на бројката од 660 илјади хектари што реално се користеше за производство на храна – објаснува Димитриевски.
Оттогаш, како што вели тој, се случиле повеќе крупни промени, пред сѐ во економскиот и политичкиот систем, во кои во земјоделството не се изгради модел што ќе го продолжи и унапреди целокупниот земјоделско-прехранбен сектор, иако од 2007 година се воведоа промени во земјоделската политика и се обезбедија масовни поддршки во износ од повеќе од 1,5 милијарда евра буџетски средства.
– Доколку се следат состојбите во еден подолг временски период и од нив се прави проекција, секако перцепцијата е дека состојбата е алармантна. Она што особено загрижува се демографските процеси, а пред сѐ иселувањето на младите од руралните средини со што се згрозува нивната виталност, искористувањето на ресурсите, а пред сѐ напуштање на земјоделското земјиште и натамошно намалување на земјоделското производство – истакнува професорот.
Според него, нашата земја е пред закана во голема мера да го изгуби производството на храна и да остане обична суровинска основа што ќе ја користат други. Најалармантна е состојбата во сточарството, посочува Димитриевски, каде што во поединечни потсектори е преполовен бројот на добитокот, пред сѐ во говедарството и овчарството, сектор што беше препознатлив по македонското јагне на странските пазари.
– Сериозно е намален и бројот на живината, а производството на јајца снабдуваше голем дел од пазарот на поранешна Југославија. Традиционално и надалеку познатите производи од градинарството (домат, пиперка, грав), за жал, сѐ помалку ги имаме, а голем дел од нив денес ги увезуваме. Иако во овоштарството имаме зголемување на површините со насади, сепак и тука не успеваме да ги следиме современите барања на пазарот. Ни се намалуваат и лозовите насади, што во иднина може да се одрази и на производството на вино, како еден од традиционално извозните производи. И кај тутунот, кој го обезбедува најголемиот девизен прилив од вкупниот извоз во земјоделството, речиси да е преполовено производството – укажува Димитриевски.
Тој нагласува дека сериозни се проблемите, а причините што доведоа до ваквата состојба се повеќебројни. Почетокот на назадувањето на секторот, вели професорот, започнува со процесите на осамостојување на државата и промената на економскиот систем, губењето на единствениот југословенски пазар, процесите на приватизација на големите производни системи во земјоделството – агрокомбинатите, во кои речиси сите пропаднаа, и не се создаде нова погодна и поефикасна структура што ќе го унапреди и модернизира производството, ќе обезбеди зголемена конкурентност и ќе изнајде нови пазари.
– Семејните земјоделски стопанства, иако доминантни во структурата, не ја зголемија нивната големина (најголемиот број од нив се со големина до два хектара, кои се расцепкани на осум-10 мали парцели), па кај нив не може да се постигне економија на големина, со што остануваат неконкурентни на пазарот, со мали и често нестандардни серии на производство, и не успеваат да обезбедат подобра пазарна позиција. Сето ова придонесува низ текот на годините земјоделските стопанства да не можат да обезбедат соодветен доход и постепено се напушта секторот – објаснува Димитриевски.
Дополнително, климатските промени низ годините, додава тој, негативно влијаат на производството и го намалуваат, со што уште повеќе ја влошуваат економската положба на производителите. Ова, како и дел од другите општи состојби во државата, го поттикнува иселувањето на младите, а со тоа и намалувањето на бројот на земјоделци.
– Во однос на тоа какви стратегии и политики се потребни, секогаш истакнувам дека нема брзи решенија. Потребно е да се запрат негативните тенденции и да се изнајде најадекватниот модел за македонското земјоделство. Потребни се сериозни промени во организациската структура на земјоделските стопанства и изградба на нова структура на земјоделски стопанства, кои ќе донесат интензивни вложувања во иновативни технологии и технички средства, како во примарното производство така и вертикално во целиот синџир сѐ до трпезата и ќе бидат способни да им конкурираат на постојните, но и да изнајдат нови пазари. Сметам дека ваква нова структура може да се формира само преку поврзување со успешни странски компании во земјоделско-прехранбениот сектор и нивно инвестирање кај нас. Имаме многу напуштено земјиште што треба да го ставиме во функција и да им го понудиме на ваков тип компании – посочува професорот.
Според Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, тенденцијата на намалување на производство на многу земјоделски култури ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни и временски непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население.
– Во спротивно, стануваме држава што е лесен плен, и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храна. Покривањето на нашите потреби за земјоделски производи на годишно ниво треба да ни биде приоритет и стратегиска цел. Кога тие цели ќе станат приоритет на државата, тогаш може да се премине кон искористување на сите потенцијали што можат да го зголемат производството по единица површина, а тоа се системи за наводнување, модерна технологија, навремена заштита од болести итн. – објаснува Станковски.