Целта на законот е да се спречи уништувањето на градското зеленило со урбаната експанзија и непочитувањето на законите. Со измените ќе се обезбеди дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина; зголемување на нормативите за зеленило во квадратен метар по жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минималниот процент на озеленетост на градежна парцела според класата на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирањето, проектирањето, подигањето, одржувањето и заштитата на зеленилото; измени на казнените одредби за оние што не донеле стратегиски документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др. Предлозите произлегоа од анализата на законите, во која беа вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти. Предлог-измените на законот беа иницирани во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, под водство на „Зелен институт“.