Природа

Загрозените животински видови

Екологистите од целиот свет вложуваат големи напори да ги спасат животинските видови од исчезнување. И покрај неодамнешната смрт на последниот машки бел носорог, постојат надежи дека научниците ќе можат да го вратат овој вид

Во Европа, научниците одгледуваат бизони речиси сто години откако исчезнаа од лицето на планетата, а популацијата на морските видри во Калифорнија се обновува, иако во 30-те години на минатиот век ги имаше само 50.

Последниот мажјак северен бел носорог, Судан, почина на 19 март и не остави потомство зад себе. Претходните обиди за парење со една од последните две женки од тој подвид не беа успешни и се проценува дека се неспособни за репродукција.

Но, научниците ја сочуваа спермата на Судан за можно вештачко оплодување.

Меѓутоа, прво, тие треба да ја тестираат таа постапка на шест женки јужни бели носорози во зоолошката градина во Сан Диего.

Ако се е во ред, тие далечни роднини на северниот бел носорог ќе станат сурогат мајка на ембрионите од овој вид.

– Сакаме да искусат како е тоа да се биде бремена, како е да се роди и да се подигне потомство, така што во иднина, кога ќе имаме ембриони од северниот бел носорог кои со трансплантација ќе ги вметнеме во женките, знаеме дека тие ќе знаат дека се способни да ја одржат бременоста, да се породат и да го одгледаат младото, објаснува Барбара Дурант од Зоолошката градина во Сан Диего.

Европскиот бизон, роднина на американски бизон, уште може да се најде на стариот континент од Пиринејскиот Полуостров до источна Русија.

Нивниот вид е истребен во дивината во 20-те години на минатиот век, но мал број припадници на овој вид се зачувани во Полска. Тие сега се испраќаат до разни европски земји, вклучувајќи ја и Шпанија.

– Ако бизоните се во Шпанија, тие ќе се прилагодат на новата флора, фауната, клима, различно однесување, поинаквото количество дневна светлина. Значи, нивните гени ќе бидат модификувани. Тоа значи дека ќе го оплемениме видот. Бизон, кој е роден тука и кој има поинакви гени, ќе бидат испратен во Полска за да го оплемени видот. Тоа е начинот да се избегне изумирање на животинските видови, вели директорот на Центарот за зачувување на европските бизони, Фернандо Моран.

Калифорниските морски видри имаат најгусто крзно од сите животни, па затоа не е чудно што ловците ги довеле тие разиграни месојади на работ на истребување. Беше потребно да се донесе државен и федерален закон со цел да се спасат.

– Во почетокот, најголемо влијание имаше елиминирање на ловот. На популацијата на видри и е овозможено природно да се зголемува преку репродукција. Од околу 50 животни, нивната популација се зголеми на сегашните околу три илјади, вели Карл Мејер од аквариумот на Заливот Монтереј.

Екологистите би сакале тие бројки да продолжат да растат, така што видрите би можеле да се вратат во нивниот оригинален опсег и да го вратат балансот во крајбрежниот екосистем.

Гласот на Америка – Вашингтон

Тагови

Поврзани вести