Економија
ЕИБ нема да инвестира во плински наоѓалишта, туку само во обновлива енергија
Европската инвестициска банка (ЕИБ), инвестицискиот огранок на ЕУ, соопшти дека и покрај моменталната неизвесност околу снабдувањето со енергија за Европската унија, таа повеќе нема да финансира проекти за природен гас, туку само за обновливи извори на енергија.

Нашата политика е да престанеме да инвестираме во гасот. Сакаме 50 отсто од нашите средства да се инвестираат во зелена транзиција, во животната средина, изјави Јоанис Калцас, шеф на одделот на ЕИБ задолжен за Грција и Кипар.
„ЕИБ е трансформирана, ние ја нарекуваме „климатска банка““, рече тој за време на конференцијата „Регионален раст“ организирана од Европскиот парламент во грчкиот град Патра.
Неговата изјава доаѓа во време кога владите на 27-те земји членки на ЕУ бараат алтернативни начини за снабдување со гас . Акционери на ЕИБ се земјите членки на ЕУ.
Жителите ширум Европа се погодени од зголемените цени на енергијата откако се воведени санкциите против Русија.
Аврам Зелилидис, професор по нафтена геологија на Универзитетот во Патрас, вели дека е неопходно на краток рок да се продолжи со експлоатација на гасот и нафтата во ЕУ, бидејќи граѓаните се тешко погодени и за Зелениот договор треба да се размислува на долг рок.
-Што ќе правиме денеска, дајте ми решение за денеска, не за утре, рече тој за време на презентацијата.
Хелен Крај, шеф на одделот за транзиција на чиста енергија на Европската комисија, не даде конкретен одговор, велејќи дека „во краток рок луѓето треба да се загреат“, но дека треа да се реши „зависноста од изворите на јаглеводороди“.
Европската комисија, извршното тело на ЕУ, сака целосно да ги прекине емисиите на стакленички гасови до 2050 година преку Европскиот зелен договор, со што ќе се запрат климатските промени и уништувањето на животната средина.