Свет

Глобалните емисии на штетни гасови се вратија на високо ниво, по падот во 2020 година

Податоци од Меѓународната агенција за енергетика покажуваат дека глобалните емисии на штетни гасови во атмосферата се вратиле на алармантно високо ниво, по падот минатата година. Според агенцијата, ќе биде тешко да се остане на ниво под рекордното во 2019 година.

Кризата предизвикана од Ковид-19 довела до најголемиот годишен пад на емисии од јаглероден диоксид од енергетски извори од Втората светска војна. За да се одбегне враќање на старите нивоа, потребни се брзи промени во начинот на производство и користење на енергијата. Најголемиот пад на емисии на јаглероден диоксид бил забележан во април 2020, но до декември тие биле за 2% повисоки од истиот месец претходната година.

Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергетика, вели дека враќањето на нивоата на емисии кон крајот на 2020 е показател дека не се преземаат доволно мерки за енергетска транзиција. Владите треба да бидат побрзи во донесувањето енергетски политики за да не гледаме нови рекордни нивоа, додава тој.


Фото: Pixabay

Анализата на Меѓународната агенција за енергетика покажува дека големите економии го водат враќањето „во нормала“ кога станува збор за високите емисии на штетни гасови. Во Кина се испуштиле 7% повеќе штетни гасови во декември 2020 во споредба со декември 2019. Оваа земја испушта повеќе штетни гасови во атмосферата од која било друга држава во светот. Кина е единствената земја во која е забележан пораст на емисиите на гасови во целата 2020 година – од 0,8%.

Емисиите во Индија биле поголеми од претходните години во септември, кога се намалиле мерките за заштита од коронавирусот.

На глобално ниво, емисиите од енергетски извори паднале за 5,8% во 2020, односно за речиси 2 билиони тони јаглероден диоксид. Во Европската Унија емисиите на јаглероден диоксид се намалиле за 10% во 2020, во споредба со 2019.

Ова е резултат на намалената побарувачка за фосилни горива, како и намалениот автомобилски и авиосообраќај. Истовремено, 20% од енергијата што се произведувала минатата година биле од обновливи извори, при што се испушта ниско ниво на јаглероден диоксид.

превземено факултети.мк

Тагови

Поврзани вести