Свет

Во градот Хајделберг автомобилите повеќе не се добредојдени

Германскиот град Хајделберг е најпознат како универзитетски и научен град со богата историја, со најстариот универзитет во земјата, четири институти „Макс Планк“, Европската лабораторија за молекуларна биологија и познатиот замок стар 800 години. Но, Хајделберг наскоро би можел да стане уште попознат како град со нула стапки на емисии на стакленички гасови што предизвикуваат глобално затоплување – и град каде што автомобилите се исклучок од сообраќајот, а не правило, доколку успее планот на градоначалникот Екарт Вирцнер.

Вирцнер не е против електричните автомобили. Градот им овозможува на граѓаните кои купуваат електричен автомобил субвенција од 1.000 евра, со уште 1.000 евра доколку инсталираат станица за полнење. Но, електричните автомобили се подолу на списокот со алатки со кои Вирцнер се обидува да ги намали јаглеродните отпечатоци на градот и неговите жители. Проектот на Вирцнер му обезбеди на Хајделберг репутација на пионер во еколошки свесно урбанистичко планирање.

Автобуси на водород и автопати за велосипеди

За да го намали присуството на автомобили на градските патишта, Вирцнер купува возен парк со водородни автобуси, гради мрежа на „автопати“ за велосипеди што ќе го поврзат градот со предградијата и дизајнира населби на начин што го обесхрабрува користењето на возила и го охрабрува пешачењето. Жителите што се откажуваат од автомобилот имаат право на една година бесплатен јавен превоз.

– Ако ви треба автомобил, користете апликација за делење автомобил. Ако не можете да ја користите оваа апликација затоа што живеете далеку и нема масовен превоз, тогаш користете автомобил, но само до трамвајската станица, а не до центар – вели Вирцнер.

Така, Хајделберг е на чело на движењето на еколошки свесни градови, што е најсилно во Европа, но е присутно низ целиот свет, вклучувајќи ги и американските градови Остин, Тексас и Портланд. Дополнителен интензитет, малку парадоксално, даде пандемијата и заклучувањето. Жителите на многу градови добија можност да видат како би изгледал нивниот град без стандардниот метеж и им се допадна она што го видоа.

Европските градови и земји најавуваат забрана за класични автомобили

Истовремено, производителите на автомобили сè повеќе се обидуваат да се приспособат на построгите регулативи за користење автомобили на бензин (и дизел) во градовите. „Џенерал моторс“, „Форд моторс“ и „Јагуар ланд ровер“ оваа година ветија премин кон електрични автомобили.

Некои европски градови, како што се Стокхолм и Штутгарт, веќе забранија постари дизел-возила. Десетици други, вклучувајќи ги метрополите Рим, Лондон и Париз, планираат да го ограничат градскиот сообраќај на возила што не испуштаат стакленички гасови.
grad
Фото: Freepik

И националните влади вршат дополнителен притисок врз производителите и сопствениците на автомобили. Ирска, Холандија, Шведска и Словенија планираат да забранат продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2030 година. Велика Британија и Данска велат дека ќе го сторат тоа до 2035 година, со тоа што само хибридните автомобили ќе бидат дозволени во фазата на транзиција од 2030 до 2035 година. И Франција и Шпанија најавуваат ваква забрана до 2040 година.

Хајделберг, со околу 160.000 жители, е еден од шесте европски градови што организацијата „Си40 ситиес“ ги смета за иноватори. Тоа е организација што промовира урбанистички политики кои нема да придонесат за климатските промени, предводена од поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг. Покрај Хајделберг, на списокот со градови-иноватори се и Осло, Копенхаген, Венеција, Амстердам и Ротердам.

Во Хајделберг 80 отсто од населението повеќе не користат автомобил

Меѓу другите мерки за премин од автомобили во други форми на сообраќај во Хајделберг е и изградбата на мостови или надвозници што ќе им овозможат на велосипедистите лесно да ги заобиколат областите со застој во сообраќајот, без да го делат патот со автомобилите. Во моментов само околу 20 отсто од жителите на градот користат автомобил за да се движат низ градот на дневна основа, но сообраќајниот метеж сè уште е присутен. Останатите 80 отсто пешачат, возат велосипед или патуваат со електричен автобус.

Градот не се ограничи само на повеќе еколошки сообраќај, туку и ја намали потрошувачката на енергија во училиштата и градските згради за 50 отсто во последната деценија – иако некои од овие згради се стари неколку стотици години.

– На крајот на краиштата, не станува збор само за автомобилите. Потребен ви е целиот пакет – заклучува Вирцнер.

Пешачката зона во Хајделберг, долга повеќе од еден километар, е позната како најдолга во Германија. Но, најдобриот пример за еколошките амбиции на градот беше изграден на местото на поранешна товарна железничка клучка. На тоа место, во 2009 година, почна изградбата на Банштат или железничкиот град, и требаше да се отстранат три бомби што останале од Втората светска војна.
velosiped

Банштат – „железнички град“ изграден врз зелени принципи

Современите станбени згради изградени таму се толку добро изолирани што на становите не им е потребно речиси никакво греење, а малата енергија потребна за греење ја произведува блиската фабрика за отпад од дрво. Иако автомобилите не се забранети, во Банштат речиси и ги нема. Велосипедите имаат предност, а брзината е ограничена на 30 км на час.

Оваа населба во моментов има 5.600 жители, но продолжува да расте. Жителите имаат на располагање основно училиште, градинка, центар на заедницата, два супермаркети, неколку пекарници и кафулиња, две продавници за велосипеди и дури шест станици за споделување автомобили. Во соседството има и неколку деловни згради со канцеларии.

– Идејата е да се вратиме во класичниот ран град, каде што домувањето и работата беа тесно поврзани – вели Ралф Бермих, директор на градската канцеларија за животна средина.

Вирцнер има прилично амбициозен план – да ја направи градската клима неутрална до 2030 година. Градот планира да генерира сопствена соларна и ветерна енергија и да инсталира станици за полнење со водород за 42 зелени автобуси. Тој вели дека добива повици и од други градови во Европа, Азија и Северна Америка кои сакаат да ја копираат стратегијата на Хајделберг.

– Сите знаеме дека мора да одиме во оваа насока. Единственото прашање е колку брзо – заклучува Вирцнер.

Извор: The New York Times
Фото: Freepik
Тагови

Поврзани вести