Свет

Воружан конфликт избувна на границата помеѓу Ерменија и Азербејџан рано утрово

Ерменија соопшти дека рано утринава единици на вооружените сили на Азербејџан отвориле интензивен оган во правец на неколку ерменски градови користејќи артилерија, голем калибар и мало оружје, пишуваат агенциите.

Владата на Ерменија веќе се обратила до Русија, Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) и Советот за безбедност на ОН во врска со судирите на границата со Азербејџан, изјавил владин претставник од прес-службата.

Министерството за одбрана на Азербејџан соопштило дека ерменските вооружени сили извршиле голема саботажа на границата на двете земји.

„Поради итни мерки кои нашите единици ги преземаа за спречување на овие активности, дојде до вооружен судир“, било наведено во соопштението на министерството.

Исто така, било објавено дека азербејџанската армија претрпела загуби во персоналот и воената инфраструктура поради гранатирање од страна на ерменските вооружени сили, а Ереван не пријавил жртви, но ијавиле дека судирите продолжиле во текот на ноќта, пренесува Ројтерс.

Владата во Ереван најави дека ќе се повика на договорот за соработка со Русија и ќе поднесе жалба до ОДКБ, безбедносниот блок предводен од Русија, како и до Советот за безбедност на Обединетите нации, пренесе Интерфакс.

Покрај рускиот претседател Владимир Путин, ерменскиот премиер Никол Пашинјан ги покани францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот државен секретар Ентони Блинкен да разговараат за ситуацијата.

Блинкен повика на итен прекин на непријателствата за кои секоја страна ја обвинува другата, пренесува Телеграф.

Конфликтот првпат избувна кон крајот на 1980-тите, кога ерменските сили ги зазедоа областите во близина на Нагорно-Карабах, меѓународно признати како територија на Азербејџан, но со мнозинско ерменско население, според Ројтерс.

Азербејџан ги врати тие територии во борбите во 2020 година, кои завршија со прекин на огнот со посредство на Русија и враќање на илјадници жители во нивните домови од кои побегнаа.

Лидерите на двете земји оттогаш се сретнаа неколку пати за да склучат договор чија цел е воспоставување траен мир, наведува британската агенција.

Тагови

Поврзани вести