Вести
Битола и Скопје во границите на лош и ужасен воздух
Министерството за животна средина соопшти дека престанува прагот за алармирање во Тетово и Битола затоа што се измерени ПМ10 честички помалку од 150 мг на м3. Скопје не е споменато. Но, ако се погледне мапата на загаденост на пулс.еко, ќе се види дека има делови од Битола и Скопје каде нивото на ПМ честички е во границите на лош и ужасен воздух
„Согласно податоците од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух на ден 2.јануари 2023, среднодневните концентрации на РМ10 суспендираните честички се под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3 и епизодата од два последователни дена е прекината во Битола и Тетово и престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање“, се вели во соопштгението на Министерството за животна средина.
Денешната ситуација со воздухот е дека и натаму Скопје и други големи градови се во магла и дека квалитетот на воздухот е лош затоа што нема циркулација на свеж и чист воздух, нема проветрување на градовите. Сите отрови од загревањето на домовите, сообраќајот, индустријата и депониите, остануваат и не се расплинуваат.
Битола – состојба
Во Битола, каде престанува прагот за алармирање, а со тоа и препораките за мерки, меѓу кои се и тие лицата над 60 години и болните да не одат на работа, според сајтот пулс.еко, околу пладне се дише лош воздух. Просекот е ПМ10 честички од 141 мг на М3, (многу блиску до прагот од 150) но како што се гледа од мапата, градот дише или лош воздух или има населби каде концентрацијата на овие честички е толку над 150 мг на м3, што тоа сајтот го дефинира како „ужасен воздух“.
Во Teтово во 11 часот, концентрацијата на ПМ10 честичките изнесувала 142 мг, слично како и во Битола.
Скопје – состојба
Во Скопје околу пладне се измерени 135 мг на м3 ПМ10 честички, но ако се погледне мапата на мерни станици, ќе се види дека просекот не ја одразува вистинската ситуација во која се задушуваат луѓето и живиот свет во Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Шуто Оризари со измерени од 151 мг на м3 кај Ректорат, преку 169 во Ново Лисиче., 216 во Автокоманда, потоа високи вредности во 11 Октомври, Црниче, кај „Шампионче“, до ужасните 314 мг на м3 во Маџир Мало.
Денеска на пладне, кога во прашање е Европа, Скопје не е осамено на картата на најзагадени градови во светот. Скопје е на 21-вото место, а со полош воздух се „истакнуваат“ Софија и Приштина.