Живот

Диви камили сеат страв меѓу жителите на рускиот исток

Руски пензионер од регионот Астрахан предизвикал хаос во околните села кога пуштил стадо од околу 80 камили за кои повеќе не можел да се грижи, а надлежните се глуви на повиците за помош од населението чиј имот го уништуваат.

Жителите на Оранжереј, Фјодоровка и Ниновка се барикадираа во своите куќи додека животните на 83-годишниот Русин Јуриј Серебријаков се шетаат по нивните полиња и овоштарници во потрага по храна, јавува Би-Би-Си.

Тие не се осмелуваат да ги пуштат ниту децата да си играат надвор.

Јелена Бактемјева за руските медиуми изјави дека камилите ги кршеле оградите во обид да добијат храна, а дел од куќите останале без гас и вода затоа што животните ги оштетиле инсталациите.

Од пролетта стадото станало многу агресивно, тврдат жителите.,,Ако погледнете животно во очи, почнува да ве брка, вели Бактемјева, „и треба да почнете да бегате“.

Похрабрите жители дење и ноќе се на стража и ги бркаат животните од нивните овоштарници.

Низ селата сега талкаат 57 камили и не знаеме како да ги сопреме, вели Валентина Маликова, жителка на Фјодоровка. Камилите исто така ги уништуваат и надгробните плочи.

Нивниот сопственик Серебријаков, кој веќе 25 години одгледувал камили, решил да ги ослободи кога сфатил дека повеќе не може да се грижи за нив, отфрлајќи ја вината за штетата.

Локалната самоуправа тврди дека досега му издала шест парични казни на сопственикот во вкупен износ од околу илјада рубљи, но тој ги игнорира.

Тагови

Поврзани вести