Свет

Дали зад пожарите во Амазонија се крие меѓународниот апетит за говедско и соја?

Амазонија ја нагризуваат две земјоделски активности – чувањето говеда и одгледувањето генетички модифицирана соја, со што може да се протолкува драматичното ширење на шумските пожари во тој дел на Бразил, сметаат научниците.

– Екстензивното чување говеда е главната причина за дефорестацијата на амазонската прашума. Нешто повеќе од 65 отсто од исечената прашума во Амазонија денес се пасишти – истакна Ромуло Батиста, истражувач во „Гринпис“.

Бразил е најголем светски извозник на говедско месо. Оваа земја лани извезе рекордни 1,64 милион тони месо. Главните пазари се Кина, Египет и Европската Унија. Титулата најголем извозник на говедско Бразил ја стекна благодарение на над 20-годишниот период на спектакуларен раст. Во периодот од 1997 до 2016 година извозот на говедско се зголемил за 10 пати, како тежински така и ценовно.

Речиси 6,5 отсто од исчистените површини се наменети за одгледување земјоделски култури. Бразил, кој и досега беше најголем светски извозник на соја, пред САД, лани извезе рекордни 83,6 милиони тони, што, според тамошното министерство за економија, е 22,6 отсто повеќе од 2017 година.

Успехот најмногу се должи на апетитот на Кина, најголемиот потрошувач на бразилската соја, која главно е генетички модифицирана. Поради трговската војна што речиси една година ја водат Пекинг и Вашингтон, Кина сѐ повеќе се свртува кон Бразил во однос на купувањето сточна храна. Извозот на бразилската соја во Кина минатата година се зголемил за речиси 30%.

Сојата е една од главните култури што ги нагризаа амазонските шуми. Меѓутоа, по мораториумот воведен во 2006 година, помалку од 2 отсто од сојата одгледана во Амазонија доаѓа од површини дефорестирани по 2008 година, смета Батиста.

И Европа е потрошувач на бразилската соја, која главно се употребува за исхрана на животни, пред сѐ живина и свињи, наведуваат од „Гринпис“.

Одгледувањето на сојата во Бразил доживеа подем во 70-тите години, кога производителите од југот се селеа во централните и западните делови на земјата и кога се појавија нови методи за одгледување и примена на пестициди.

Огнот и чадот од Амазонија јасно се гледаат од вселената, а фотографиите од НАСА покажуваат дека ситуацијата во неколку бразилски сојузни држави е застрашувачка.

Тагови

Поврзани вести